Во христијанството сè уште има разлики за тоа кога треба да се слават Божик и другите верски празници, пред сè поради догматските несогласувања меѓу црквите и различните системи на мерење на времето. Така католиците, протестантите и дел од православните христијани кои го прифатиле грегоријанскиот календар, Божик го слават на 25 декември. Дел од православните цркви, меѓу кои и МПЦ – Охридска архиепископија, кои се водат според стариот јулијански календар, раѓањето Христово го одбележуваат на 7 јануари. Всушност, и едните и другите го слават празникот на 25 декември, но не во ист ден поради употребата на различните календари.
Иако се правени обиди за усогласување на празнувањата меѓу „старокалендарците“ и „новокалендарците“, разликите остануваат и покрај укажувањата на математичарите дека ако продолжат да се применуваат и двата календара, дел од православните христијани во 2101 година Божик, наместо на 7, ќе го слават на 8 јануари. Тоа е затоа што стариот јулијански календар доцни зад соларниот еден ден на секои 128 години, што кај грегоријанскиот календар се случува по 3300 години.