Додека гевгеличани уживат во мирната и мека декемвриска ноќ, советниците и општинските функционери и администрацијата мирно го привршуваат денот, знаејќи дека е изгласан Буџетот за 2023 година, а со него и сите планирани буџетски расходи. Локалниот буџет тежи 533.802.801 денари, или 8,7 милиони евра.
Во него капиталните приходи учествуваат со 11,38%, а расходите за капитални инвестиции општината планира да ги дигне на ниво од 32% од Основниот Буџет, или вкупно 77,9 милиони денари.
Гевгеличани и следната година ќе возат велосипеди со усвоените амандмани за субвенционирање за набавка на велосипед на семејствата од Гевгелија во вредност од 4.000 денари еднократна помош.
Помош ќе добијат и лицата од Заедницата на инвалидски организации за покривање на режиските трошоци на Заедницата која ја сочинуваат четири инвалидски здуженија од општината.
Програмата за медиумска транспарентност на општина Гевгелија е повлечена од страна на предлагачот од дневниот ред за работа на денешната 21-ва седница, па снимателот на собраниските седници останува без одговор дали досегашните 660.000 денари, кои ги наплаќа годишно од Општината, ќе успее да ги зголеми на 1.100.000 денари за истата работа која што во текот на годината ја гледаат едвам 1.500 лица.
Уште еден член на Надзорниот одбор на Комуналец си даде оставка.
Кој ќе ги гарантира книговодските салда и салта за изминатата 2022 година на јавното комунално претпријатие во Гевгелија?
Мирна Ви ноќ гевгеличани, Новата Година започнува неделава!