По 20 дневна хуманитарна акција организирана од Гевгелиското Архиерејско намесништво, а на одзив на бројни граѓани, фирми, фондации од Гевгелија денеска се поделија 120 хуманитарни вреќи со прехрамбени и хигиенски производи за семејствата од социјален ризик во Гевгелија.
Донациите беа поделени на пладне во Црквата „Свети Кирил и Методиј“ по претходно доставен список од страна на Центарот за социјални работи од Гевгелија за семејства кои немаат редовни приходи и спаѓаат во категоријата социјално загрозени.
Акцијата „Подари за рождество“ се организира и спроведува веќе шеста година по ред во органзација на двата православни храма во Гевгелија, црквата „Св. Кирил и Методиј“ и манастирот „Свети Спас“.
Одзивот на гевгеличани покажува напредок во хуманата мисија со тоа што минатата година беа поделени 115 пакети, а годинава 120 вреќи на хуманитарни продукти, што значи и бројчано и количински хууманоста пораснала.
Хуманитарните вреќи се доделуваат на ден Бадник со цел да се помогне на најзагрозените и тие да ја почуствуваат благоста и радоста на овој ден – предвесникот на Христовото раѓање со продукти за збогатување на пригодната семејна празнична трпеза.