Еден од трите вагони на утринскиот патнички воз од Гевгелија за Скопје се излизгал од шините. Според Македонски железници нема повредени. Од шините околу 7 часот се излизгал вториот од трите вагони.
Според патниците кои во тоа време патувале за Велес, инцидентот се случил кога патничкиот воз од железничка станица Кадина река поаѓал за крајната дестинација Скопје. Бидејќи се случило на колосекот кој води за главниот град, железничкиот сообраќај на релацијата Велес- Скопје е во прекин.
– „Екипата е веќе упатена кон местото на настанот со железничко возило. Поради непристапност на самата локација и се очекува во најкус рок да бидат отстранети последиците од вонредниот настан и воспоставување на железничкиот сообраќај“ – соопштија од МЖ Инфраструктура.
Во правец на Кадина река, утрово бил упатен патнички воз кој ги презел патниците од Гевгелискиот и тие се веќе стигнати во Скопје. Поради инцидентот не сообраќаа утринскиот патнички воз од Скопје за Битола и претпладневниот од Скопје за Велес.
Последиците од излизгувањето на вагонот се отстранети после 4,5 часа интервенција.
– „„Железничкиот сообраќај од 11.20 часот е повторно воспоставен по отстранувањето на последиците од вонредниот настан“ – соопштија од МК Инфраструктура.
Автор: П.Печков