Со традиционалното василичарско оро и палењето на маските заврши годинашното издание на Вевчански карневал.
Палењето на маските симболизира бркање на злото, а вевчанци веруваат дека прочистени ќе имаат среќна и бериќетна година.
Вевчанскиот карневал има традиција од близу 15 векови и со својата автентичност и обичаи се разликува од останатите карневалски манифестации, бидејќи има посебна симболика. Карневалот е спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава. Симболизира два паралелни света, едниот му припаѓа на пагнаството, а другиот на христијанството. Со манифестацијата се одбележува христијанскиот празник Св. Василиј Велики или доаѓањето на Новата година по стариот, Јулијанскиот календар.
Вевчани изминативе два дена наликува на отворена театарска сцена, а досетливите вевчанци на несекојдневен и сатиричен начин ги отсликуваат општествените случувања кај нас и во светот. Не изостанаа ниту ужасните слики кои наликуваат на оние од боиштата во Украина.
Вевчанци 365 дена во годината живеат за Карневалот кој е доста привлечен како за бројните посетители така и за новинарите и фотографите од целиот свет.
Возила со каќуши, присилни селидби од воените зони, пеколот на војната, беа неодминлив дел од годинашните маски на Вевчанскиот карневал – преку маските слободно ги критикуваат настаните во светот и кај нас.