Некогашната текстилна фабрика „Меркјури“ отворена 2004 година во Гевгелија, со годините прерасна во Текстилна корпорација која работно ангажира околу 1.500 работници во текстилната сфера, а помошните дејности кои ја опслужуваат корпорацијата значат егзистенција за речиси 2.000 работници и нивните семејства.
Ова значи дека Текстилната корпорација која е формирана со странски капитал во Македонија, овде во Гевгелија нашла добра подлога за работа и развој, а тоа да претставува основа за егзистенција на 2.000 семејства во општината и регионот.
Како опстојува оваа вечно актуелна дејност, текстилната индустрија, во Гевгелија со новите економско-енергетси констелации, што ги донесе годината која измина? На оваа тема разговараме со менаџерот-управител на „Текстилната Корпорација“ г-дин Јани Киакос.
– „Најпрвин голем предизвик во реорганизација на работата и нашите односи со клиентите во странство ни’ предизвика корона состојбата, која го зафати цел свет, не само нас. Немавме сознанија колку тоа ќе трае, а состојбите на „лок даун“ ни’ беа закана да се стопира производството. Во почетокот немаше вакцини, не беше започнал процесот на колективна вакцинација и за да не трпи работата јас иако граѓанин на Грција останав да работам неколку месеци во Гевгелија, не напуштајќи го работното место. За мене лично сето тоа беше многу стресно и неизвесно, но најважно беше да се завршат нарачките, клиентите-нарачатели да бидат снабдени со своите договорни нарачки и да ја продолжиме соработката и понатаму. Во тоа успеавме, но на штета на заработката која во голем дел отиде за примена на мерки за здравствена заштита на работниците, почитување на здравствените протоколи, изолации на позитивните кои отсуствуваа од работа, заштитни средства, заштитни одела, заштитни прегради за бесконтактна достава, исплата на редовната и на гарантирана минимална плата за работниците. Сето тоа ни’ одзеде време, сили, ни’ го потхрануваше стресот, но успеавме да се одржиме. Во тие денови добредојдена беше и помошта од Владата за доплата на гарантираната плата по работник, а тоа го добивме како фирма која не отпушти работници за време на корона периодот“ – вели менаџерот Киакос.
По две години корона состојба, таман здивнавме од секојдневните бројки на корона позитивни, од извештаите за жртвите од короната, настапија воените дејствија во Украина, кои иако километарски далеку покажаа колку е светот поврзан, стопански, финансиски, економски, енергетски.
– „Првиот предизвик беше снабдувањето со електрична енергија во континуитет, без застој, после дознавањето дека Македонија не е голем електро производител и е зависник од увоз на струја. Почнавме да правиме план да набавиме агрегати за производството да не запре“.
Колку е тоа скап проект? – беше прашањето на GevgelijaNet.
– „Ма тоа не беше важно. ВАЖНО беше производниот процес да не запре!“ – беше изричит управникот-менаџер Јани Киакос.
– „Но, изгледа нашите стравови беа поголеми од состојбите кои понатаму се одвиваа во електроснабдувањето. Текстилната корпорација имаше годишен договор за снабдување со електрична енергија од ЕВН-Македонија и ние немавме големи ценовни турбуленции. Но, паничните реакции за недостаток на енергенси (гориво, струја) доведоа до енормен пораст на споредните артикли кои ги користиме за заокружување на нашиот производен процес од конец до пакување и испорака. Се покачија цените на хартијата за пакување, на амбалажата, на иглите за шиење кои се потрошен материјал, цените за транспост на материјалите и доставата на нарачките, цените на мајсторите кои ги сервисираа нашите поправки… Се’ поскапе, а ние како „Текстилна Корпорација“ на нашите клиенти моравме да им испорачаме готов производ по веќе договорена цена која сме ја склучиле на почетокот од годината пред да започнат настаните во Украина и пред да започне ланецот на покачување на цените на сите видови артикли“ – со искреност се сеќава г-дин Киакос.
– „Текстилната корпорација“ на крајот од 2022 ги испорачала сите договорени нарачки, по веќе договорените цени на штета на нашата заработка. Договорите се испочитуваа од наша страна, но светот и клиентите не беа попустливи да ги покачат цените за нашата работа“, со деловна доследност, но и резигнација признава нашиот соговорник Јани.
Така, за илустрација, додека зејтинот кај нас во Македонија достигна цена 120% повисока од таа во јануари, пред почетокот на настаните во Украина, додека цените на горивата го преминаа плафонот од 100 денари за 1 литар, струјата исто така поскапе за 9,8% за домаќинствата, но за индустриските потрошувачи повеќе, додека млекопроизводителите се закануваа дека без субвенции ќе снема млеко на домашниот пазар, додека цената на лебот фати угорна линија, ЦЕНИТЕ за изработка на нарачките на текстилните компании останаа ИСТИ цела 2022 година.
Ова не беше случај само со Текстилната Корпорација во Гевгелија, ова се случуваше на целиот текстилен сектор во македонското стопанство.
После три години зравствени, економски и енергетски предизвици менаџерот Јани вели дека нивната фирма се подготвува енергетски да не зависи од светските берзи и подготвуваат проект за изградба на фотоволтаични панели над целиот индустриски комплекст кој е лоциран на индустриска зона „Блокотехна“ кај Гевгелија.
– „Ние сме корпорација во која производно се вградени точно 1.500 работници од текстилната сфера: 380 текстилни работници во објектот во Гевгелија, 100 во фабриката во подружницата во Неготино и 1.000 работници во неколку мали производни фирми како доработувачи на нашите нарачки, а лоцирани во Дојран, Валандово, Струмица, Неготино, Берово, Штип, Велес, па дури и гевгелиски „Зорбас“.
Ние ангажираме многу луѓе. Овде спаѓаат и лицата кои ги сервисираат нашите потреби: ѕидари, автомеханичари, одржувачи на парно, водоинсталатери, електричари, фирми кои проиведуваат резервни делови за нашите машини…. За сите нив е важно корпорацијата да работи и ланецот на побарувачка и потрошувачка да опстојува.
Текстилната корпорација е производен комплекс со заокружен производен процес од следните сектори: влез на материјал, кројачница со шаблони (машински систем), контрола на скроениот материјал пред да се пушти во шивачкиот погон, везилка, печатница на материјалот за шиење, шивачница, перална на готов производ, паковно одделение, оддел за моделарство каде се изработуват мустрите за следната модна сезона , пеглачница, утовар и транспорт до нарачателот.
Ова се вкупно 12 сектори и за секој од нив треба доволен број работници за да се испочитуваат договорните рокови кон странскиот нарачател.
Кога успешен менаџер ќе се снајде во такви ненајавени и со ништо не предвидени турбулентни години на здравствена закана и панично најавуваниот енергетски колапс, ние мислиме дека нема проблем пред кој ќе потклекне овој веќе дводецениски окален текстилен бизнисмен. Па прашавме: Освен најавата за изградба на соларни панели кои ги одложи заради немањето заработка во корона и енергетско исцрпувачката година, има ли други проблеми?
– „Да. Најголем проблем е немањето нова работна сила. Ние сме способни да склучиме нови договори со повеќе наши странски нарачатели, но нови работници нема. Овде не’ погодува и неодамна објавените тримесечни отворени визи за земјите од Европската зона за работници од земјите од Западен Балкан. Некои работници, иако ситуирани заминаа со оправдувањето „Да пробаме!“ Затоа вели Јани Киакос, некое системско решение за помош на текстилниот сектор мора да се најде.
Нови стимулации, субвенции, економски погодности за овој сектор се немоновни, зошто колку и да велиме дека текстилната индустрија е ниско профитабилна дејност таа не може да исчезне. Секогаш човекот, дури и во камено време се трудел да се облече, нема логика од таа привилегија да се откаже, кога на располагање ја има и сета модна и текстилна машинерија и доградба низ децениите и веков наназад.
Ја напуштивме Текстилната корпорација во Гевгелија со впечатокот на развиорените знамиња на Гевгелија, на Европската Унија и Македонија. Веќе се заедно!