Традиционално и годинава на ден Водици, 19 јануари ќе се одржи свечениот чин на потопување на Светиот крст во водите на реката Вардар по кој се пуштаат многу храбри гевгеличани и жители од околните села.
Претходно следува чин на осветување на водите на Вардар што ќе го изведат претставници од Гевгелиското архиерејско намеснитво, прото ереј Русе Жековски, прото ереј Љупче Миланов и свештеникот Влатко Бојков. Чинот на потопувањето на Светиот крст во водите на Вардар и осветувањето на водите е закажан во 12:00 часот, а ќе се изведе на мостот на Вардар.
До сега на јавниот повик за пуштање по Светиот крст се пријавиле околу 30-на лица, но организаторот, црквните лица од Гевгелија очекуваат поголема бројка на дојденици-доброволци кои ќе се придружат на настанот со самиот факт што времето годинава е вонредно погодно за јануарските вообичаени температури.
Денот започнува со Свечена литургија во двете гевгелиски цркви во 08:30 часот, а ќе се изведе и Водосвет во дворот на црквата во 10:30 часот. Потоа свештените лица се упатуваат заедно со доброволците за фаќање на Светиот крст и граѓаните на местото на Богојавленскиот чин кај реката Вардар.
На овој ден сите води се осветуваат во знак на Богојавление – денот на кој според христијанското предание Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан.
Фото: Мирните води на Вардар чекаат да бидат осветени