Младост, снага и решителност – тоа покажаа денеска неколкуте десетина момчиња кои се фрлија по Светиот крст во осветените води на Дојранското езеро.
Најуспешен од сите беше Иван Димитров од Куманово, момче спортист ракометар на подготовки во СЦ „Истатов“ во Нов Дојран.
Чинот на осветувањето на водите на Дојранското езеро го изврши протоереј Ѓорги Сламков, од црквата „Свети Ѓорги“ од Нов Дојран.
На фаќачот на крстот му беше подарена икона со која ќе ги посети сите домови од населбата носејќи желби за среќа и бериќет.
На оваа вековна традиционална манифестација која се одржа на брегот од плажата „Калдрма“ во Нов Дојран присуствуваа многубројни граѓани. Меѓу нив и претставници на локалната самоуправа и градоначалникот Ангов.
“Бог се јави”, “Навистина се јави” се поздравите кои денеска ги разменуваат православните верници прославувајќи го еден од најголемите празници – Богојавление Христово или Водици.
Денешниот ден донесе голем број туристи, посетители во Дојран, па во водите по потопениот крст запливаа момчиња освен од Нов и Стар Дојран и од населените места Црничани, Николиќ, но и спортисти од други градови на државата. Победи спортскиот подготвен и брз ракометар од Куманово.
Нека е среќен денот за среќниот фаќач, за сите именосци на името Христово, на сите кои славата Водици како домашна слава.