Сопружниците Лена и Митко Трајковски од Миравци пред една недела, на 12 јануари после посета на свои пријатели се вратиле во опожарен и изгорен дом.
Пожарот настанал од продолжен кабел кој предизвикал опожарување на дневната соба, а потоа се проширил и во кујната. Изгорена е покуќнината, а останатите соби се зачадени и нефункционални за живот.
Случајот не е пријавен во ТППЕ Гевгелија зошто кога се вратиле дома сопружниците сами го доизгаснале пожарот кој тлеел поради затворените прозорци и недостаток на кислород за да се прошири пламенот.
На овие наши сограѓани им треба помош да го обноват својот дом да биде функционален за живот. За сега се собираат донации со кутија за хуманитарни прилози која е поставена во продавницата „Таки“ во Миравци.
Соседи, пријатели, локални фирми од Миравци веќе помагаат со расчистување на изгорениот отпад. Секоја друга помош е добредојдена, дали поединечно, можеби преку Црвен крст Гевгелија, или со одвоена парична помош преку вклученост на локалната самоуправа во Гевгелија за обнова на домот на семејството Трајковски.
Пожарите не се непозната именка ниту во јануари. Од ТППЕ Гевгелија не’ известуваат дека во првиот месец од Новата година имаат реализирано 11 интервенции, од кои 6 во објекти, (опожарени куќи, оџаци, шалт табли), 3 интервенции на отворен простор, една техничка интервенција, и 2 регистрирани како „останати интервенции“.
Тоа значи потреба од претпазливост, редовно чистење на оџаците за избегнување несакани прилики за време на грејната сезона, исклучување на грејните тела кога сме отсутни од домот и поголема претпазливост за избегнување од опожарувања, предупредуваат од ТППЕ Гевгелија.