Претседателот Стево Пендаровски го упати шефот на бугарската дипломатија, Николај Милков да прошета до Ваташа, каде е извршен масакарот на 12 млади лица во 1943 година. Ова доаѓа по изјавата на Милков кој кажа дека во Македонија се враќа традицијата на палење, стрелање и насилство врз луѓе. Пендаровски посочи дека изјавата е грозна.
– „ Во однос на изјавата на господинот технички министер за надворешни работи… Тоа е прилично грозна изјава.. Вели: ‘Во Македонија се враќа традицијата на колежи, стрелање и насилство’. Единствено таа изјава може да биде точна ако мисли на периодот ‘41-’44 (окупацијата на Бугарија врз Македонија*). Кога техничкиот министер за надворешни работи ќе има време може да прошета до Ваташа, да види дел од таа традиција“, кажа Пендаровски.
Прашан дали Бугарија може да го врати ветото, Пендаровски посочи дека не знае, но смета дека нема причина за тоа.
„Не можам да знам што ќе направи Бугарија. Секоја држава автономно ги носи своите одлуки. Не гледам ниту една основа за ново вето. Се надевам дека нема да одат во таа насока. Ова што го зборувам, знаете дека станува збор за инструирани провокатори кои тоа го прават“, кажа Пендаровски.
– „Мој предлог до Владата кој го изнесов и на седницата, е согласно одредбите на Законот за странци да му забранат влез во нашата земја на еден пратеник од Бугарија во Европскиот Парламент и на неколку други лица, државјани на Бугарија, заради дејствијата кои порано ги преземале и сѐ уште ги преземаат против нашата држава.
Законските услови за изрекување на таква мерка постоеја и порано и сѐ уште постојат, тоа се, трите според законот, ги цитирам, закана за јавниот поредок, закана за националната безбедност, или закана за меѓународните односи на Република Северна Македонија.
Тоа во принцип значи, конкретно, ако таквите лица се надвор од земјата, да не им биде дозволен влез, а, ако се веќе внатре, да им биде откажан престојот и да бидат прогласени за персона нон грата.
– „Изолирајте ги политички луѓето кои не сакаат добрососедски односи, ние тоа го правиме и ќе го правиме кај нас. Македонија не ви е непријател, меѓутоа, оваа држава има закони, има достоинство и кога тие граници ќе бидат преминати, ние секогаш ќе реагираме за да се заштитиме“, изјави Пендаровски по одржувањто на денешната седница на Советот за безбедност.