Македонската влада испраќа итна помош во Турција по катастрофалниот земјотрес. На денешната седница на Влада одлучено е да се издвојат околу 100.000 евра помош за настраданите во земјотресот, а ќе биде испратена и хуманитарна помош и тоа 10.000 ќебиња и 200 санитетски носила.
За санирање на последиците од земјотресот се испраќаат 24-ца припадници на армијата, од кои 22-ца од баталјонот за специјални сили и две лица водачи на службени кучиња, со две кучиња, од командата за обука на министерството за одбрана.
Од дирекција за заштита и спасување се обезбедува комплетна опрема и средства за пребарување и спасување од урнатини, шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила.
Министерството за здравство е задолжено итно да подготви и да достави одлука за обезбедување помош во медицински персонал, медицинска опрема и лекови, а министерството за одбрана за обезбедување помош во персонал, опрема во вид на механизација, шатори, душеци, ќебиња, грејни тела и друг вид соодветна помош.
Меѓу останатите, Владата донесе и одлука со која го задожи Министерството за надворешни работи да ги координира активностите за евакуација на македонските државјани од погодените подрачја.
Вонредна седница за среда закажа и Советот на град Скопје за носење одлука за помош на настраданите во земјотресот во Турција.
И претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓоргиевски, ги повика сите општини да покажат солидарност и секоја согласно своите можности да одвои финансиски средства за помош на настраданите.