Едногласна Одлука за одвојување на парични средства за помош на настраданите во Турција и Сирија, во вредност од 300.000 денари вчера донесоа членовите на Советот на Општина Дојран.
Средствата ќе се одвојат од општинскиот Буџет, а ќе бидат уплатени на донаторските сметки отворени за помош на настраданите во Турција и Сирија.
Прифатена е и иницијативата советниците при Советот на Општина Дојран во следните пет месеци да донираат дел од својот паушал на донаторските сметки отворени за настраданите од разорниот земјотрес во погодените земји.
Исто така, во следните пет месеци, во знак на солидарност лично градоначалникот Анго Ангов најави дека ќе се вклучи во донаторските акции со тоа што тој лично ќе донира 50% од својата месечна плата за помош на настраданите од земјотресот во Р. Турција и Сирија.
Советниците на седницата иницираа да бидат отворени и пунктови за донации каде граѓаните ќе може да дадат свој придонес за настраданите во катастрофалниот земјотрес. Сите предложени инцијативи едногласно беа прифатени.
– „И во овие тешки моменти, остануваме заедно, сплотени и подготвени да помогнеме. Затоа што знаеме колку малку, некогаш може да значи многу. Длабоко сочувствуваме со несреќата на Турскиот и Сирискиот народ, свесни сме колку е неопходна помошта од било каков вид за настраданите области. Освен материјалната донација, она што нам ни останува е со мислите да бидеме со настраданото население во погодените области. Да се помолиме за храброст, утеха за преживеаните и спокој за оние кои настрадаа во оваа голема природна катастрофа“ – изјави градоначалникот Ангов по повод големата катастрофа во двете земји и хуманиот одговор на општината Дојран.