Ваков впечаток добиваме од извештајот на МВР по извршената контрола на возилата по патиштата во подрачјето на надлежност на СВР Струмица каде припаѓа и ОВР Гевгелија – бројот на пречекорувања е евидентно голем.
Неделниот сончев викенд ден (19.02.2023) раздвижи многумина по улиците и патиштата нз Гевгелија.
Во периодот од 10:00 до 18:00 часот спроведена е контрола за санкционирање на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од дозволената. При тоа во Гевгелија биле констатирани 37 пречекорувања на брзината на движење на возилото. Волку прекршоци само за шест часа сообраќајна контрола укажува дека на секои 9 минути низ патиштата „прелетувало“ по едно возило со поголема брзнина од дозволената.
Отука впечатокот дека гевгелиските возачи се „брзинци“, односно според сообраќајниот речник на полицијата, прекршители на сообраќајните правила.
Иста контрола, во истиот термин е извршена на подрачје на Секторот за внатрешни работи Струмица. Притоа, биле констатирани 197 пречекорувања на брзината, од кои 81 на подрачје на Струмица, 50 на подрачје на Радовиш, 37 на подрачје на Гевгелија и 29 на подрачје на Валандово.
Двојно поголем број на пречекорувања на брзината се констатирани во населено место, низ градските улици (122), а 75 прекршоци се констатирани надвор од населено место.
Сите прекршоци биле соодветно санкционирани, јавува МВР.