Владино-државни делегации, претставници од државни институции и организации и претставници од меѓународната заедница во земјава, денеска оддадоа почит кон загинатиот претседател на државата, Борис Трајковски, во рамки на државнички церемонии за одбележување на 19-годишнината од авионската несреќа во БиХ.
На 26 февруари 2004 година, кај местото Ротимље, Босна и Херцеговина, утрото во магловито време се случи авионската несреќа во која загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар.
Денеска во Мостар, во име на Владата на Република Северна Македонија, министерот Спасовски положи цвеќе на спомен обележјето на несреќата кај Ротимље, на државничка церемонија по повод навршувањето на 19 години од трагичната смрт на македонскиот претседател Борис Трајковски.
– „И по 19 години останува запаметен како доблесен и мудар државник, кој во еден важен транзициски период, кога се соочивме со тешки одлуки, успеа да го зачува мирот во земјата и во регионот, да ги зацврсти меѓуетничките односи, да биде посветен на демократските идеали и на евроатланската ориентација, како вистински визионер”, рече министерот Спасовски.
Во родната Струмица, на споменикот на поранешниот претседател Трајковски присуствуваа и положија цвеќе делегација од Владата на Северна Македонија, делегација на Локалната самоуправа и бројни граѓани.
Борис Трајковски беше вториот Претседател на Република Македонија избран од граѓаните во мандатниот период 1999 – 2004. Роден Струмичанец на 25 јуни 1956, почина на 48 годишна возраст во Мостар на 26 февруари 2004 година.