Според годишниот извештај за работата на судовите на Судскиот совет во 2022 година од вкупно 27 основни судови низ земјава ажурни се 14, а неажурни 13. Ваквата оценка е врз основа на разликата меѓу бројот на примени и решени предмети во годината. Односно судовите кои решиле повеќе од примените предмети во текот на годината се ажурни, додека, тие кои не успеале и го зголемиле бројот на заостанати предмети се неажурни.
Основниот суд Гевгелија 2022 година ја започнал со 468 нерешени предмети, во работа примил 11.968 предмети. Од овој фонд за работа решени се 11.969 предмети, а останале нерешени 467 предмети. Според тоа го совладал приливот на предмети и го намалил заостатокот за 1 предмет.
Во 2022 година Основниот суд Гевгелија се оценува како ажурен.
По систематизација во овој суд се предвидени 13 судии, а во 2022 година работел со 61 процент од потребните, односно со пополнети 8 судиски места.
Според податоците од Судскиот совет, заклучно со 6 март годинава во ОС Гевгелија активни се 8 судии, од кои еден е претседател на судот. Согласно тоа, бројот на испразнети места е 5.
Вкупниот број на вработени во судот заедно со судски службеници, технички службеници и припадници на судската полиција и работници изнесува 54 лица.
ОС Гевгелија, според пописот во 2021 година опслужувал вкупно 42.512 жители. Според тоа ОС Гевгелија во 2022 година имал еден судија на 5.314 жители.
Инаку, меѓу најажурните по бројот на решени предмети во државата, односно најмногу е намален бројот на заостанати предмети во ОС Гостивар – 649, така што секој активен судија во просек завршил 1.968 предмети,. Статистиката вели дека ОС Тетово е меѓу меѓу неажурните, бидејќи заостанал за 1.223 предмети во текот на 2022 година.
Во делот на оцена на работата на судиите и судовите во 2022 година, Судскиот совет посочува дека судовите го започнале јануари 2022 година со нерешени 97.338 предмети, примиле во работа нови 602.682 предмети, имале вкупно во работа 700.020 предмети. Од нив, решени се 590.897 предмети, а останале нерешени 109.123 предмети. Според тоа, на ниво на држава, судовите во 2022 година не успеале да го совладаат приливот на предмети и го зголемиле заостатокот за 11.785 предмети.
Меѓу неажурните судови во државата спаѓаат и двата апелациони судови.
Од изнесеното може да се утврди дека гевгелискиот суд „за влакно“ се извлекол да не отиде во барабанот со неажурните судови.