Првата текстилна фабрика “Елегант” започна со работа на 1 април 1965 година и со тоа започнуваат нови индустриски процеси во Гевгелија, ставајќи го земјоделието во сенка на индустрискиот растеж.
Овој, подоцна текстилен гигант, е основан пред 58 години од Советот на зтанбената заедница „Нов дом“-Гевгелија кој донел Одлука за формирање на работна организација за производство на конфекција „Елегант“. Со тоа значително се променила стопанската структура во општина Гевгелија. Во тогашното социјалистичко уредување на Македонија, капиталот на фабриката беше општествен.
Почетокот на производно-прометниот синџир тогаш вклучуваше само 32 работника, а за 2 децении направи вистински скок со пораст на вкупниот приход за 4.000 пати, а личниот доход на вработените порасна за 100 пати.
Во 1985 година РО „Елегант“ брои 2.000 вработени, а својата дејност ја обавува преку две фабрики во Гевгелија и дислоцираните погони во Богданци и Стојаково. Најголемиот дел од производството на „Елегант“ се пласира на странските пазари, со што тогаш успева да учествува со 15% од вкупниот извоз што го остварува текстилната индустрија во Македонија.
Трансформацијата на капиталот и пазарната економија донесе нови ветришта во овој сектор, нови инвеститори, дури и од странство.
Со тоа Гевгелија доби повеќе текстилно- производни погони, за денеска да ужива третман на текстилен индустриски центар на југот на Македонија.
Фото: Производна хала од некогашниот текстилен гигант “Елегант”, 80-те год. XX век