Македонскиот кардиолог Сашко Кедев пред два дена се искачи на Анапурна (8.091 м.н.в.), а во фотографијата на денот е со шал со натпис „Македонија“ на десеттиот највисок планински врв во светот.
Анапурна е уште еден во низата подвизи на 60-годишниот член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), кој ги има искачено сите највисоки врвови на сите континенти, а на 19 мај 2009 година стана третиот Македонец што стапна на „покривот на светот“ Монт Еверест (8.848 м).
Во информацијата за освојувањето на Анапурна проф. Кедев е запишан како учесник во меѓународната експедиција од Македонија.
Професорот Кедев е дел од експедиција со 4 други планинари (од Кина Ванг Жонг, од Јапонија Наоки Ишикава, Марија Александра Данила од Романија и Надја Лиза Косо од Англија.). Нив ги придружуваат 7 шерпаси, односно локални водичи.
Ова е прва експедицијата во 2023 година што го освојува врвот Анапурна.