На Гевгелија и’ требаше „Калинка“ за да се почувствува детскиот талент за песна кај најмладите гевгеличани, е оценката на поранешниот директор на Детскиот фестивал „Калинка“ во Гевгелија, Нада Ристова, инаку сега член на комисијата за подготовка на аудицијата на фестивалот со неговото возобновување 2023 година.
Таа истакна дека интересот на децата за учество на фестивалот бил голем, пополнети биле 160 апликации, а одбрани беа 120 дечиња и девојчиња, од кои 20 солисти и 100 членови на детскиот хор.
– „Калинка ќе им докаже на децата дека поубаво е да се пее отколку да се плаче. Со „Калика“ Гевгелија станува главен град на детството“ се потсети Ристова на вредностите на Детскиот фестивал кој има своја традиција во македонската детска песна.
Пробите течат забрзано, сценските настапи се префрлија на големата сала во Народниот театар во Гевгелија и звучат убедливо, а со уште 40 дена подготовка ќе бидат уште подобри.
Најавите се дека Фестивалот ќе се одржи на 2, 3 и 4 Јуни 2023 год. Мајскиот датум е променет поради матурските вечери и празнувањето на Патронот на градот “Свети Спас”. Тоа значи дека Гевгелија ќе слави три празници, а мај и јуни ќе бидат највеселите и најраспеани месеци за децата и сите граѓани на Гевгелија, порачуваат од тимот на Калинка.