Со стамена наклон и благодарност со положено свежо цвеќе на спомен обележјата во Гевгелија денеска е оддадена почит на слободарскиот јубилеј – 80 години од излегувањето на првите партизани од Гевгелија и гевгелиско.
Храброста на овие млади луѓе заедно со сиот прогресивен свет и вооружениот отпор на Македонските граѓани против фашизмот се изборија за слобода која ние денеска ја уживаме.
Во знак на почит и спомен и благодарност денеска Сојузот на здружението на борците од Гевгелија организираше пригодна посета на спомен обејежјата од НОБ во нашиот град на која се одзваа претставници на политичките партии од општината. Беа положени букети цвеќиња на спомениците на народните херои во паркот пред Судот, спомениците на носителите на Партизанска споменица на т.н. „мал плоштад“ и Спомен костурницата на паднатите борци од Гевгелија и Гевгелиско за време на НОБ.
Пред присутните се обрати претседателот на Општинската организација на борците и следбениците на НОБ, Ристо Марковски кој потсети за овој голем историски ден за слободна Гевгелија.
– „На 26 април 1943 година во Кожуф планина се нашле првите доброволци-партизани од градот и околијата, а од Гевгелија биле: Ристо Бајалски, Димитар Григоров Зафиров, Димитар Кирилов Брзилов, Петар Христов Балабуров, Михаил Христов Делев, Василка Танова Дуганова, Јанко Милтијадев Инов (Урдинов), Надежда Васил Христова, Александар Мицев Ќаев, Марика Мицева Ќаева, Деко Андонов Ковачев, Васил Христов Карајанов, Христо Василев Поп-Ристов, Илија Танев Миов и Иван Христов Бајков. Оваа група од 15 борци пристигнала во три групи, на 26 април, на 30 април и на 3 мај заедно со борци од околните места. На 10 мај на падините на Кожуф планина доаѓа и до официјално формирање на Првиот гевгелиски партизански одред „Сава Михајлов“ – истакна во своето обраќање по повод овој слободарски јубилеј претседателот Ристо Марковски..
Вечна им слава на гевгелиските херои, борци и осведочени ослободители!