Вчера и денеска сите излетнички места во државата се полнат со првомајски туристи кои одбрале празничниот Мај и продолжениот викенд да го поминат во Дојран, Охрид, Крушево, Берово и други места.
Но, најинтензивен е сообраќајот кон излетиштата во Грција, па затоа и денеска ГП „Богородица“ е сардисан од возила. Освен автомобили со македонски регистарски ознаки, доминираат и граѓани од Србија кои имаат 4-ро дневен празничен продолжен викенд бидејќи кај нив и 2-ри Мај е неработен ден, како на времето и кај нас кога бевме во состав на Југославија, односно пред донесувањето на Календарот на државни празници каде 2-ри мај како неработен ден отиде „курбан“.
Од вчера претпладне имаше по три колони на излез кон Грција на ГП „Богородица“, а денеска и во 14 чсот шест колони возила чекаат да дојдат до грчките летувалишта. Поради долгата колона, граѓаните чекаат и надвор од автомобилите. Отворени се пет пунктови на МВР за проверки, за премин на границата.
Според АМСМ, ГП „Богородица“ е еден од двата гранични премини каде е забележана гужва од утринава. Редици возила има и на ГП „Дојран“ за излез кон Грија. На Пелинце, Меџитлија, Дебе Баир, Ќафасан, Делчево, Ново Село, Блаце – времето на чекање е минимално. Подолго време на чекање има и на Табановце, за влез во Македнија.