Нашата најсилна репрезентација успеа да ја победи Турција на последниот натпревар во квалификациите и го завери настапот на Европското првенство, а супер вест од денешниот меч е тоа што младите ракометари покажаа карактер и се вратија од четири гола негатива, пред да стигнат до триумф од 30:27.
Најдобри поединци во фантастичниот пресврт беа Марко Митев и Мартин Томовски кој блескаше на голот, но за жал, има и една многу лоша вест од овој натпревар – Филип Кузмановски заработи незгодна повреда во првото полувреме и се чини дека станува збор за посериозен проблем, па сега деталните испитувања ќе откријат колку долго ќе отсуствува од терените.
Натпреварот во Скопје беше навистина израмнет во првиот дел и на пауза се замина со 15:15, додека најголемата криза ја имавме пред средината на вториот дел, кога резултатот изнесуваше 20:24.
Селекторот Лазаров успеа да ги консолидира своите ракометари и тие носени од публиката успеаја да направат пресврт до крајот, а за печат на убавата победа, последниот гол го постигна Гоце Георгиевски кој најави дека заминува во репрезентативна пензија.
Што се однесува до статистиката, голманот Томовски блескаше со 16 одбрани, Митев постигна пет гола од исто толку обиди, а пет погодоци забележа и Пешевски.