Со своите редовни учества на спортските настани кај нас во државата и во соседството и освоените подиуми Валентина е доказ дека годините не се пречка за спортување и дека трчањето подмладува
На неодамнешниот „Водно Матка треил маратон“ највозрасни учесници беа Бале Брзи (70) и Валентина Узунова (57) и остварија одлични резултати во своите категории. Докажаа дека не се важни годините за спортски резултат и победа во своите возрасни категории. И двајцата тврдат дека годините не им се пречка, туку мотивација. Трчањето за нив е здравје, добра мисла, позитивна енергија. И секоја наредна година ја пречекуваат со задоволство
Валентина Узунова е членка на АК „7-ми Ноември“ од Гевгелија, инаку жителка на Богданци и посветена на спортот веќе четврта деценија по ред. Вели: Се спремам за ултрамаратон од 100 километри
Таа, исто така, учествуваше на Водно-Матка треил маратон, на трката од 40 километри. Има 57 години, а активно трча од 35 години. Вели дека трчањето прави да се чувствува енергично, полна со живот и волја.
– „За мене, трчањето претставува пред сѐ здравје. Најголема инспирација за трчање ми се љубовта кон спортот и желбата да им помогнам за видливост на пациентите со пулмонална хипертензија. И апсолутно годините се само бројка, поради тоа се спремам и за ултрамаратон од 100 км, за да докажам дека годините се само бројка“ – вели Валентина.
Активна е 6 дена во неделата
– „Наутро вежбам пред работа, а попладне трчам. Освен трчањето, правам и кардиовежби, јога и два пати неделно одам на игроорна. Од трките најмногу одам на треил (планински) трки, обично на полумаратони, маратони и ултрамаратони. Секако дека си правам агенда на трки за да си ги испланирам тренинзите во согласност со трките (на пример, ако имам повеќе напорни трки и тренинзите ми се поинтензивни). Имам натпреварувачки дух и секогаш сакам да се натпреварувам за генерален пласман, а со тоа сум и повидлива за болните, што е голема помош за нив. Внимавам и на исхраната и секако многу важен е и одморот“ – споделува Валентина.
Спортувањето ѝ донело многубројни придобивки. Вели дека таа е пример дека трчањето подмладува.
– „Немам никакви здравствени проблеми, имам повеќе енергија, се чувствувам помлада, само кога ќе ми ги споменат годините, тогаш сум свесна за бројката. Сакам да им порачам на сите, и помлади и повозрасни, да бидат колку што можат поактивни, да се хранат здраво, да имаат позитивни мисли, секогаш да се борат и невозможното да го направат возможно, затоа што никој не е свесен за своите способности додека не се обиде и не го докаже спротивното“ – подвлекува Валентина за „факултети.мк“..
Таа е посветен спортски поддржувач на пациентите со Пулмонална хипертензија и своите трки ги посветува на сите нив, за поголема видливост на овие пациенти и нивните портеби за достапност на лек кој ќе им го олесни дижењето. Својата поддршка ја искажува при секоја тра и во името на починатата пациентка од Гевгелија со оваа ретка болест, Ѓургица Ќаева.
По ова само можеме да заклучиме дека дефинитивно не се бројат годините во вашиот живот, туку животот во годините.
Фото: Фејсбук