Вчера во текот на попладневните часови, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица. Според наводите во кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, постои основано сомневање дека осомничените сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од КЗ.
Како резултат на повеќемесечна соработка и размена на информации со Директоратот за борба против дрога од Солун, Република Грција, е утврдено дека од почетокот на 2022 година до 08.05.2023 година, осомничените, како членови на меѓународна криминална група, заеднички делувајќи со грчки и албански државјани, организирале неовластена набавка и пренесување на наркотична дрога – кокаин од Еквадор, Јужна Америка до Солун. Притоа секој од членовите имал своја улога при набавката, пренесувањето и складирањето на наркотичната дрога.
Првоосомничениот, со цел неовластена набавка и пренесување на наркотичната дрога кокаин, на почетокот на 2022 година остварил средба со второосомничениот. На средбата било договорено второосомничениот да биде основач и управител и да регистрира правно лице со дејност увоз-извоз во кое целокупното работење ќе го извршува првоосомничениот, а на второосомничениот ќе му исплаќа паричен надомест од 50.000 денари месечно.
Второосомничениот, согласно договорот, на крајот на јануари 2022 година основал правно лице кое во јуни истата година се јавува како основач на ново правно лице со неограничени овластувања во внатрешниот и надворешниот промет. На почетокот на оваа година, второосомничениот, по инструкции на првоосомничениот, уплатил 19.000 долари на правно лице од Еквадор за набавка на 1.080 пакети банани.
Во договор со првоосомничениот, засега непознати лица во Еквадор, ја сместиле наркотичната дрога кокаин во контејнер и заедно со уште два контејнери преку пристаништето Болвар – Еквадор и ги испратиле кон пристаништето во Солун. Откако, на почетокот на овој месец, пратката пристигнала на солунското пристаниште, првоосомничениот за транспорт на контејнерот го ангажирал правното лице каде четвртоосомничената била управител. Таа ја изготвила комплетната документација, а третоосомничениот со товарно моторно возило требал да го пренесе контејнерот со наркотичната дрога од пристаништето во Солун до Р.С.Македонија.
На 08.05.2023 година, по предходно добиени инструкции од првоосомничениот, третоосомничениот го презел контејнерот и се упатил во магацин во близина на Солун, каде го паркирал товарното моторно возило. Од засега непознати лица наркотичната дрога кокаин била претоварена во комбе кое набргу потоа било запрено од страна на Директоратот за борба против дрога-Солун. Во комбето се пронајдени 104 килограми и 644 грама кокаин, а во спроведената акција во Р.Грција од слобода се лишени седум грчки и тројца албански државјани.
Покрај Наредбата за спроведување на истражна постапка, јавниот обвинител ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесници ќе ја попречат истрагата, како и стравот ако се бранат од слобода дека ќе го повторат делото, вчеравечер до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор за осомничените. Судијата на претходна постапка делумно го прифати предлогот на обвинителството и на двајца осомничени со Решение им определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека на двајца осомничени им определи мерка куќен притвор.
МВР во вчерашната акција ги приведе и поднесе Кривични пријави против:
1. С.Г. (58) од Гевгелија, ја осмислил и договорил зделката со второосомничениот
2. А.К. (70) од Скопје, управител на правното лице увозник на банани, нарачани од Еквадор и платени од правното лице чиј управител е тој
3. М.М. (30), возачот на камион натоварен со банани и кокаин, ангажиран од С.Г.
4. С.М. (30) од Богданци, сопственичка и управител на правното лице на кое биле регистрирани товарното моторно возило и приколката.