Традиционалната манифестација за подготовка и презентација на слаткото од диви смокви и годинава по 12-ти пат ќе се одржи во Богданци.
Манифестацијата има за цел да се заштитат локалните традиционални еко производи на кои им се заканува исчезнување.
Традиционалното слатко за добредојде е познат чин на гостопримство на југот од Македонија. Организаторот на настанот „Slow Food Еко Росалес“ од Богданци преку организирањето на Фестивалот на дивите смокви има за цел да ги промовира плодовите од југот на земјата со цел заштита на биодиверзитетот, но и заштита на традиционалните домашни вредности од ова поднебје.
– „Оваа недела 14.05.2023 со почеток од 12 часот, во градскиот парк во Богданци, ќе имаме можност да го искусиме целиот процес на варење на слатко од диви смокви, дегустација на истото, да размениме рецепти и искуства и да ги посетиме штандовите со производи на мали производители“ – изјави Александра Картелова за GevgelijaNet од името на организаторот.
Подготовка на слаткото од диви смокви пред посетителите на Фестивалот ќе изведуваат екипи од Богданци, Гевгелија и Валандово. Должината на овој процес трае повеќе часови, па затоа фестивалскиот настан е збогатен и со пригодна програма на која ќе настапат локални изведувачи и тоа : Пеачка група при Здружението на пензионери од Богданци, КУД „Бранд Петрушев“, Слободанка Арнаудова, „Фониа“, Марија Ичкова, Ице Горичев, Валери Заров, Здравко, Ристо-Тарабан и Милош и ФА „Мегдан“.
Фестивалот е поддржан од Општина Богданци и бројни локални фирми и приватни стопанственици.
За вредноста, значењето и вкусот на ова слатко ќе го додадеме и ова – Слаткото од диви смокви е прв президиум од Македонија кој се промовира низ маркетите и саемите за здравa храна во Италија, Франција, Швајцарија, Бугарија, Турција, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија и Романија.
Повелете на слатка фестивалска дружба и забава во недела во Богданци, научете нешто за овој плод, за постапката за приготвување на слаткото и вкусете ја незаборавната арома на овој јужен деликатес.