Нема да се менуваат регистарските таблички на возилата туку на нив ќе се ставаат нелепници „НМК“, одлучи Владата. Како што соопшти Владата, на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потребата од ставање налепници со „НМК“ ознака на регистарските таблици, предложена од Министерството за внатрешни работи.
– „Со ставањето налепница на регистарските таблици, според информацијата од МВР, во целост се почитува обврската за ознаката на новиот код на Република Северна Македонија на регистарските таблици на возилата, од една страна, а од друга страна, финансиските издатоци за ова решение се речиси неспоредливи со износот потребен за замена на регистарските таблици со нови регистарски таблици. Со ова решение ќе се избегнат дополнителни финансиски трошоци, за издавање повеќе нови документи односно лиценци и сертификати, коишто се поврзани со бројот на регистарската таблица“, велат од Владата.
Поставувањето налепници со ознака „НМК“ на регистарските таблици, според образложението од МВР ќе биде олеснување и за транспортерите кои патуваат во Европската Унија. На овој начин тие имаат можност на транспортните возила да ги задржат постоечките таблици, со што ќе бидат заштитени од потребата за промени во целокупната документација во државите членки на ЕУ, што ќе се појави како потреба, ако постоечките регистарски таблици ги сменат со нови таблици во нашата држава.
По разгледувањето на информацијата, задолжено е Министерството за внатрешни работи да изготви Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање.