Доејен на македонското спикерство, македонското водителство, гласот на Македонија на Македонското радио и Македонската телевизија доаѓа од Гевгелија, Ружа Карајанова.
Родена е во Гевгелија 1945 година и првите свои почетоци со микрофонот и гласот во етерот го има како средношколка, соработник во тогашната локална радио станица „Радио Гевгелија“.
Ја запрашавме за спомените за своите почетоци.
– „Тоа беше времето во далечните 60-ти години. Како гимназијалка учествував со свои ученички теми во подготовка на радио програмата и ги читав за радио публиката. Овде го запознав доајенот на македонското спикерство Иван Антонов, кој работеше исто во Радио Гевгелија. Нему му се допадна мојт глас и правилниот изговор и ме ангажираа да читам и други текстови за програмата. Бидејќи бев млада ученичка со амбиции да студирам, Антонов ми нагласи „Кога ќе дојдеш да студираш во Скопје да се јавиш во Радиото“, мислеше на Радио Скопје. Му се допадна мојот глас и сметаше дека својата понатамошна кариера треба да ја продолжам во спикерството“ – се присетува нашата соговорничка на своите почетоци во медиумската дејност.
Тоа беше послевоено време полно се ентузијазам и љубов во работата да се створи, создаде нешто. Госпоѓа Ружа се присеќаа дека предавателот на радиото бил направен од локални мајстори-техничари Боро Миндошев и Коце, на кој не му го знаеше презимето.
– „Повеќе беше аматеризам отколку професионалност, но ние со љубов работевме во Радио Гевгелија. Техничарите ни овозможија контакт со публиката, не директно во програма како сега, туку популарните „Поздрави и честитки од нашите слушатели“. Јас ги читав тие честитки од граѓаните до своите блиски, некои роднини, или славеници. Интересно беше дека текстовите беа напишани на рака, на лист хартија, немаше тогаш машина за пишување, а текстовите се читаа во живо, па после прочитаниот текст се пушташе музика“ – ја споделува својата младешка жар во работата г-ѓа Ружа, таква каква што ја паметат гевгеличани од еуфоричниот послевоен период.
Ова се годините 1960-1964 кога средношколката Карајанова ја информира гевгелиската публика за новините кај нас и во светот со читање вести, соопштенија, поздрави и честитки. Во тој период со неа во радиото работела и Велика Танелова, спикер на „Радио Гевгелија“.
Желбата за стручно оспособување и студиско образование ја носат 1964 година Ружа Карајанова во Скопје. Овде веднаш не постапила по советот на доајенот на македонското спикерство Иван Антонов и не се јавила на работа во „Македонското радио“. Но генерациските дружења ја вовеле во друштво на сега веќе познати новинари и доајени на МРТВ. Во втората година од студирањето во Скопје го запознала Никола Солдатов и неговиот професионален „њух“ бил дека ТАА мора да се јави во Рдио Скопје за да биде ангажирана како глас на радио програмата.
И, кога веќе двајца стручњаци и потврдиле дека местото и е зад микрофонот, нашата соговорничка по потекло од Гевгелија Ружа Карајанова конечно се упатила во оваа медиумска куќа и погодувате, а постарите генерации знаат, дека таа беше гласот на Македонскот радио, а подоцна и спикер на вестите на Македонската телевизија.
– „Сите програми тогаш деа во живо. Се сеќавам дека после вестите кои ги читаше Иван Антонов, јас требаше на првиот мој настап на брановите на „Радио Скопје“ да читам соопштенија. Големата професионалност, студиската опрема, режијата, техничките манипуланти создадоа кај мене трема и не можев глас да пуштам пред микрофонот. Иван ја извлече ситуацијата и ги прочита соопштенијата. Но, не ме вратија после оваа случка. Веруваа во моите способности и навистина, станав спикер во радиото, а по дипломирањето останав овде на работа“.
Раководните лица во радиото биле задоволни од неа и на секој начин сакале да ја ангажираат за работа девојката од Гевгелија, се присетува Ружа:
– „Не само што беа задоволни од мојот радиофоничен глас туку и ми искажуваа пофалби дека имам литературен изговор, дека по ништо не се познава дека доаѓам од провинција“ – ја открива Карајанова својата генетска предодредница да биде глас на информативен медиум со кој послевоена Македонија растеше, се информираше и се градеше.
Не знаеме што и’ посакале наречниците на Ружа по раѓањето, ама доајените Иван Антонов и Никола Солдатов биле неумоливи дека таа мора да биде глас во етерот.
Ружа целиот свој работен век го реализирала во Македонската Радио Телевизија. Била спикер, водител на програми, водител на „Дневник“, водител на фестивали, на популарната емисија „Знање, имање“ што се изведуваше со другите студиа од ЈРТ. 20 години беше во Телевизија, а последното работно место и беше „Уредник на пропаганда“. Се сеќава дека Ружа била првата „лото девојка“, односно првата водителка на ТВ извлекување на добитниците на МРТВ.
Г-ѓа Карајанова веќе 20 години е пензионерка и со насмевка се сеќава на деновите од својата младост поминати во Гевгелија, почетоците во „Радио Гевгелија“ кои и’ ја трасирале понатамошната кариера. Вели дека со задоволство навраќа на спомените, меѓутоа и во топлите краишта, па наоѓа време да се дружи и со старите познаници од Гевгелија.
Таа не знае дека радиото на нејзината младост требаше на 16 мај годинава да полни 71 година роденден, а немилите политики доведоа до насилно затварање на единствениот јавен локален медиум во 2009 година, а на 15 мај 2012 година со потпис на тогашниот министер за финасии Зоран Ставревски беше ликвидиран заедно со останатите 25 јавни локални медиуми во државата, со еден потпис во еден ден.
„Радио Гевгелија“ е формирана 1952 година како разгласна станица, а како правен субјект е регистрирана на 16 мај 1956 година. Медиумот кој ги даде на Македонија првите гласови во етерот на Иван Антонов, Ружа Карајанова по кој го препознаваа гласот на Македонија многу генерации наназад, овде кај нас и во дијаспората, кој изнедри толку генерации гевгелиски новинари, подоцна професори и уметнички дејци.
Во чест и спомен на ентузијастите кои ја градеа нашата држава, кои го негуваа македонскиот литературен јазик, кои твореа и го ширеа во етерот гласот на Македонија, низ радио брановите меѓу народот и насекаде во светот.
За г-ѓа Ружа, благодарност што своите спомени прифати да ги сподели со читателската публика на GevgelijaNet.com
Гевгелија Ве памети, гевгеличани Ве очекуваат на средба за споделување заеднички спомени!