Најдалечниот патник од Гевгелија, д-р Ѓорги Петков, кој стигна на само 1.000 метри од највисокиот врв на светот „Монт Еверест“ испушти последен здив и се спои со висините на денешен ден во 2018 година.
Беше посветен алпинист со освоени пет врвови на пет светски континенти, стапна на Хималаите, со цел да биде шестиот Македонец што го освоил врвот на светот.
Имаше 63 години, беше искусен алпинист со 34 годишно искуство со планините и висините, но неговото срце не издржа на 7.500 метри надморска височина, утрото на 20 мај се разбуди во кампот, зеде здив, погледна кон небото и се струполи на леденото тло под Еверест.
Беше посветен доктор специјалист инфектолог, раководител на Инфективното одделение при Општа болница Гевгелија, кој во годините на следователната здравствена епидемија со короната беше голем недостаток за гевгелиското здравство и гевгеличани.
Почина на патот да го освои највисокиот светски врв. Беше полн со оптимизам и и исполнетост за делото кое му претстои на патот до „Капата на светот“.
Видеото кое го споделуваме во негова чест и спомен е од 24 март 2018 година, на денот на испраќањето од седиштето на ЗПСК „Кожуф“ од Гевгелија, каде бројни планинари, пријатели и колеги со висините му посакаа добро здравје и среќен пат. Никој не знаеше дека ова е последната средба, поздрав, разговор со Ѓорги Петков, со неговите гевгеличани
Во спомен на гевгелискиот патник Д-р Петков кој стаса највисоко од сите.