Со песни, игри, сценско водителство низ разни земји од светот, зборувакќи на нивниот јазик, а претставувајќи ги нивните танци на 23 мај, се претставија над 170 дечиња од завршните групи на Детските градинки во Гевгелија.
Играа твист, фламенго, казачок, танцуваа на популарни хитови, ама најбурно беше македонското оро и песната “Лична си, лична Македонијо”!
“Македонија е таму каде што сонцето силно грее, а Вардар ги полева полињата” – најави детскиот водителски пар поканувајќи ги сите да ја посетат Македонија.
Исполнети срца, многу насмевки, веселост, разиграност и шаренило, вака децата од групите пред поаѓање на училиште, во Народниот театар – Гевгелија, кажаа “ЗБОГУМ ГРАДИНКЕ!”.
На завршната приредба, на еден прекрасен детски начин дечињата среќни и разиграни, со песни се поздравија со еден од најубавите периоди во детскиот свет, со градинката и нивните учителки, кои им беа втори мајки во изминатите години.
Директорката на ЈОУДГ „Детска радост“ Гевгелија, Бети Стоименова по овој повод искажа благодарност до родителите што ги довериле децата на грижа на установата, како и до вработените за вложеноста во работата и порача::
– „Драги родители, сакајте ги вашите деца, разговарајте со нив, има многу што да ви кажат и да научите од нив. Учете ги на вредности што ќе ни’ овозможат да израснеме здрави генерации кои ќе бидат градители на општествениот живот“.
За ,,Децата од светот” пееја и играа ,,најголемите ” деца од нашата градинка. Дораснати на задачата успешно се поздравија со градинката, нивниот втор дом.
Гевгелија не памети таква исполнетост на големата сала на Надодниот театар – исполнета беше до последното седиште, балконите, влезовите, ходниците, пристапните простори беа полни со публика која стоеше и без приговор ја проследи едночасовната претстава. Децата се нашата радост, а кога тие јавно настапуваат тогаш радоста е нешто што се дели со сите.
Со среќа мили дечиња, идни првачиња!