Три девојчиња од Дојран станаа членови на Македонската репрезентација во карате.
Тоа се: ДАРИЈА ЏОНИЌ (10 годишна), МИХАЕЛА ЈОВАНОВИЌ (10 г.) и СИМОНА КОЛЕВСКА (11 г:). Сите три се членови на Карате клубот „Дојран“ од Дојран и овие успеси ги достигнуваат на само една година од постоењето и работата на дојранскиот карате клуб.
Дарија, Михаела и Симона денеска како членови на МКД репрезентацијата во карате заминуваат да ги бранат боите на Македонија на 27-та Балканијада во карате за деца која се одржува од 24 до 29 мај годинава во Бар, Црна Гора.
Ова се првите репрезентативки кои ги дава спортски Дојран за Македонскиот спорт.
– „Ова е големо достигнување за нас како клуб, бидејќи постоиме не полни 14 месеци, а резултатите кои ги покажаа децата на тренинзите и натпреварите доведоа до тоа да станат членови на македонската репрезентација. Нашите девојчиња се првите репрезентативки во карате во рамките на поширокиот југоисточен регион. Репрезентативниот настап на каратистките од КК „Дојран“ е ново достигнување во историјата на спортот во Општина Дојран до сега“ – изјавува за GevgelijaNet тренерот на Карате клубот „Дојран“ Лилјана Упчева.
Нашите претставнички од југот на Балканијадата во карате за деца од 9 до 13 годишна возраст, што започнува денеска во Бар, ќе се натпреваруваат во следните категории:
1. ДАРИЈА ЏОНИЌ (10 год.) – категорија – 44 kg
2. МИХАЕЛА ЈОВАНОВИЌ (10 г.) – категорија – 37 kg
3. СИМОНА КОЛЕВСКА (11 г:) – категорија + 44 kg
На Балканијадата во Црна Гора се очекува да земат учество околу 1.000 каратисти од 11 земји.
Нашите девојчиња од југот имаа вистинска поткрепа – ги води 10 кратниот државен првак во карате за Македонија, Балкански и Европски првак во карате, сега нивен тренер Лилјана Упчева.
Им посакуваме многу смелост, прецизност, концентрација и спортска среќа во натпреварите!