Договорите за слободно движење во Западен Балкан со лични карти, за признавање на високо-образовните квалификации и за признавање на стручните квалификации на доктори, стоматолози и архитекти кои што беа потпишани лани на 3 ноември, во рамките на Берлинскиот процес, денеска стапуваат на сила во Македонија, Албанија и Косово.
Наскоро се очекува овие договори да стапат на сила и во останатите три држави потписнички, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, согласно завршените правни процедури кај нив.
Како што соопшти МНР, со овие договори се воспоставува слободно движење на луѓето само со лични карти во рамките на Западен Балкан; се овозможува мобилност на студентите, професорите и академските работници, додека процедурите за признавање се скратуваат од неколку месеци на две недели и без трошоци; докторите на медицина, забарите и архитектите ќе можат своите услуги да ги нудат слободно низ регионот.
– „Секој од овие договори дава специфична можност да им помогне на нашите граѓани да го искористат својот потенцијал, да ги прошират своите искуства и да придонесат за доброто на нашиот регион. Договорите претставуваат значаен чекор напред во нашите напори да им овозможиме на граѓаните слобода на движење и интеграција, како услов за воспоставување на заеднички регионален пазар, што ќе претставува најбезбеден и најбрз пат кон исполнување на нашата заедничка цел – членство во Европската унија“ – вели министерот Бујар Османи.
Инаку, македонското Министерство за надворешни работи е избрано за депозитар на овие важни договори.