Толку ми е лесно да се сетам на нештата од пред половина век, што тоа почнува да ме плаши по малку.
Толку ли со дебели траги запишува меморијата кога си мал? Дебели траги останати небришливи како да лежат во нас и да чекаат повремени будења.
Чудно е.
Да.
Секако не се сеќавам што баба подготвувала во денот пред Задушница и пред одење на гробишта во петоците и низ сите тие мои детски години. Деца сме биле и кој марел за тоа.
Знам едно, секако. За секого од нас дома, а и “за раздавци”, таа имаше по еден симит и локум на тој ден. Симитите дедо ни ќе ги изнакупеше утрината, откако заедно ќе беа станати во ниедно време и сосема на разденување.
Деца бевме. Она на кое повеќе се сеќавам се нашите чекања “баба да се врати од гробишта”.
Мислам дека за враќање некогаш и пладне ќе ја фатеше.
Ние стрпливо ја чекавме и чекавме.
Во тие мали наши години најважно ни беше да видиме што ќе донесе од тоа што другите раздале за своите умрени.
Детски и безгрижно за умирањата и за постоењето на смртта (ако смртта може да има постоење, нели), ќе се обидевме од се да пробаме.
Имаше и дома од сето тоа, ама ова донесеното не беше какво што кај нас се правеше.
Во кошниците кои баба ни Славјанка Аџи Секирарска, кога ќе се вратеше од Задушница и од раздавање, ја имаше различноста од куќа до куќа, од сој до сој, од домаќинка до домаќинка. Собрани беа на куп сите тие навики, кои дома не беа такви.
Некогаш тоа беа само на друг начин исечени слатки, некогаш пак “другачије” испечена баница. Некогаш имаше парче татлија, или шербет полна баклава со некој нов и непознат вкус. Некогаш во кошницата ќе се појавеше колаче од необично обоено тесто, или некое кое имаше сосема необична форма.
Ќе се појавеше од некаде нешто подготвено, а ние никогаш што не сме го имале видено дотогаш.
Ќе си го исподелевме, чудејќи му се и насладувајќи му се.
Не ни беше воопшто важно, што понекаде слаткото и соленото се залепиле едното со другото. Не маревме.
Кошницата секогаш беше преполна со вкусот на различноста од околните куќи, ама и од куќите на домаќинките чии починати се близу до нашата гробница – во нашиот дел од гробиштата.
Чудно е како тоа има денес и сосема некоја нова смисла, нова смисла на тогашното постоење.
Чудно.
Автор: Борис Секирарски (фејсбук пост-сеќавање)