Сестрите Соколовски се првите репрезентативки на Македонија во ритмичка гимнастика – Досега носеа медали за Германија, отсега ќе носат за Македонија. Илина и Ева ќе ги бранат боите на Македонија и ќе го веат македонското знаме низ Европа.
Убави вести стигнаа од Германија. Сонот на Илина (16) и Ева (13) Соколовски станува реалност. Двете наши девојчиња, кои ги собраа сите можни медали по ритмичка гимнастика во Германија, сега конечно ќе ги бранат боите на нашата држава. Илина и Ева под македонско знаме ќе се натпреваруваат на европското првенство по ритмичка гимнастика, кое ќе се одржи во Будимпешта!
Двете се пресреќни, бидејќи сите овие години, колку што се натпреваруваат, иако се со македонски пасош, се натпреварувале за Германија. Родени се таму и живеат со семејството.
Додека го чекаат големиот настан, Илина и Ева стартот на новата сезона го започнаа со нови медали. Во јануари Ева имаше пријателски традиционален натпревар во Боркен, каде го освои првото место. На 11. февруари во Гутершлох се одржаа првите квалификации за сезоната на кои Ева повторно беше прва, додека Илина го освои второто место. На 19. февруари Ева се натпреваруваше во Бохум на републички традиционален натпревар и повторно го освои првото место. Ваквите успеси станаа веќе нормална работа за двете Македонки.
За желбата да стане Македонска репрезентативка Илина Соколовска изјави:
– „Конечно ми се исполни сонот, уште кога почнав посакував еден ден да застанам под македонското знаме. Кога ќе настапувам за Македонија ќе ме подржат моите тренерки од Германија, со кои веќе работам 10 години. Во Македонија не постои овој спорт и нема тренери, кои ќе ја исполнат нормата за интернационални натпревари. Се радуваме со мојата сестра што ке ја претставуваме Македонија на балканските, европските и на светските натпревари.
Навистина сонот ни’ се оствари да ја претставувме Македонија. Веќе се изработуваат потребните документи и пресреќни сме со Ева што ќе бидеме репрезентативки на Македонија. Следува напорна работа, напорен тренинг, но тоа не не плаши, вака функционираме уште кога почнавме. Мотивот сега ни е поголем, Македонки сме, со македонски пасош и под македонско знаме ќе се обидеме да ја претставиме во најдобро светло татковината на европската спортска сцена.“ – изјави оваа млада посветена спортистка, 16 годишната Илина.
Автор: Ацо Л.