Новите златни претставници на Гевгелија се учениците од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија кои од гастрономскиот државен натпревар се вратија со 10 медали од кои 4 златни.
Тие денеска учествуваа на гастрономски натпревар за средни училишта „Tasty” во Струмица каде се натпреваруваа во неколку категории за подготовка на храна и угостителство.
Учениците учесници од угостителско-туристичката струка (готвачи и хотелско-туристички техничари) се вратија со полна торба медали. Покрај 4те златни освоија и 3 сребрени медали и 3 бронзени медали.
Честитки до наградените ученици и до менторите Марина Калкова, Ана Камчева и Антонио Какров.
Погледнете ги учениците на дело пред будното жири на „Tasty”.
Натпреварот се одржа од 10:00 до 17:00 часот пред Дом на АРМ во Струмица и тоа е прв гастрономски натпревар за средношколци и студенти „TASTY – Струмица 2023“.
Натпреварот го организира ресторан „Летница“ во соработка со Општина Струмица, угостителско туристичката струка на СОУ „Димитар Влахов“ Струмица и КВО ВАДИС АД АСТРА.
Првиот натпреварот беше посветен на основачот на ресторан „Летница“, Миро Петров.
– „Нашата цел е да ги мотивираме младите генерации на готвачи кои се определиле во оваа област и да придонесеме кон развојот на туризмот и угостителството во општина Струмица. Кон нашата цел и идеја се вклучија и „Вила Парк“, „Концепт“, „Ал Макс – Бисер“, Кланица со ладилник „Ронибет“ и уште многу други“, велат организаторите.