Недела, ден за свадба и семејни веселби.
Во минатото свадбената свита од сватови, кумови и кумова тајфа со музика, песна и оро оделе низ гевгелиските улици до домот на невестата, со музика да ја земат од домот на родителите и да ја однесат да ја венчат за бендисаното момче.
Сватовско-кумовата тајфа привлекувала многу внимание од шетачите, но и од куќите и дворовите од кои излегувале гевгеличани со намера сами со свое око да научат кое момче се жени и по која мома кинисало да ја однесе пред матичар. Тапаните и музиката по истиот пат ќе се врати за некој час со невестата во бело и со истата свита сватови, па со сигурност ќе се дознаело кои се среќните младенци.
Очи полни среќа и радост од убавата глетка на младост, разиграност и опиеност од љубов!
Денеска оваа пракса на сватовските радости по улиците низ Гевгелија ја заменија колоните свечено украсени автомобили кои со вклучени сирени возат на патната делница наречена “Одиме по невестата”.
Фото: Гевгелија 60-те год. XX век, централно градско подрачје, ул. „Маршал Тито“