Денес се навршуваат точно 80 години од смртта на првоборецот Нако Тумбов од Богданци со партизанско име Вардарски, поради што бројни делегации голожија цвеќе на неговото спомен обележје.
Тој бил на 30 годишна возраст кога заедно со гевгелика група на илегални младинци заминува во партизани на 26 Април 1943 година. Овде е формиран првиот Гевгелиски партизански одред „Сава Михајлов“ во кој се бори и Нако заедно со групата млади партизани од Гевгелија и гевгелиско.
Нако имал само 50 денови „партизански стаж“ кога го стигнува окупаторски куршум. Загинува за време на јунската офанзива што бугарскиот окупатор на овие простори ја спровел против партизанското движење во Кожуф планина. Нако е првата жртва во НОБ загинат на Кожуф планина како момче од Гевгелиската околија, на која тогаш припаѓал и атарот на Богданци.
Повеќе делегации денеска положија цвеќе на спомен бистата на Нако Тумбов Вардарски која се наоѓа во паркот во Богданци пред влезот на средното училиште за спомен и сеќавање на неговата жртва.
Делегации на борци од НОБ и почитувачи на нивното дело, делегација на пензионери, делегација на ученици од општинските училишта, претставници на локалната самоуправа денеска со цвеќе и наклон оддадоа почит пред бистата на Нако. Сите заедно се поклонија и на неговите партизани соборци Петар Мусев и Симе Кал’чев кои стамено стојат со свое спомен обележје во паркот заедно со Нако Вардарски.
Неговиот лик и дело на ваков начин се чествува веќе шест децении со тоа што Здружението на борците од НОБ во 1963 година, по повод 20-ет годишнината од неговото загинување поставија биста во Богданци, неговото родно место, во спомен и сеќавање на првиот загинат првоборец од Гевгелискиот партизански одред, првиот загинат партизан Нако Тумбов-Вардарски.
Богданчани во негова чест и спомен со формирањето на фудбалскиот клуб во Богданци, клубот го именувале според партизанското име на Нако Тумбов, „Вардарски“. И ден денеска богданчани навиваат за „Вардарски“ и гордо го споменуваат на секој натпревар својот фудбалски љубимец, именуван по првоборецот од Богданци.
Вечна му слава!