„Види ја ужива“, се уште во голема мера се доживува во пежоративна смисла. Ако некој ужива, коментарот е или дека не е одговорен, демек се фрлил на уживање наместо да работи; или со потсмевање (нема што важно да работи, не е битен), а најчесто со љубомора, дека поседува некаков луксуз што останатите го немаат.
Ние како општество треба да го менуваме односот кон уживањето како нешто што е неопходно за среќа, здравје и релаксација. Уживањето не е нешто што треба да се крие или да се срамиме од тоа, туку да му се радуваме и да го поддржуваме.
За да може да се „носи“ со стресот, на организмот му треба релаксација, а уживањето не само што релаксира туку и ги поттикнува хормоните на среќа.
Но, за да може да уживаме, неопходен е еден предуслов – да се справиме со внатрешните забрани.
Од мали не’ учеле дека мора прво работа, па ако остане време, тогаш може и уживање. Но, во денешно време на интезивна динамика, ретко кој ги завршува сите обврски во тек на денот. Оттука, уживањето не треба да се остави за крај, ако остане време, туку да се креира време за она што ни’ го поддржува здравјето и благосостојбата.
Но, може и некој да креира време, ако не е научен да си дозволи да ужива, нема да го искористи наменски.
Така што уште еден предуслов, покрај справување со внатрешната забрана и креирање време за уживање е – да вежбаме да уживаме со тоа што ќе ги отвориме сите сетила.
Да уживаме во мириси, во вкусови, во допир, во она што го гледаат очите. Да се фокусираме на тоа што ни’ прави убаво на душата и да го доживееме. За такво доживување, потребно е да го вежбаме фокусот кон тоа што влегува низ нашите сетила.
Потоа ќе сфатиме дека за уживање не требало многу. Ниту време, ниту немање обврски. Туку внатрешна дозвола да излеземе од грчот свртени кон исполнување надвор, живот на автопилот, и да се посветиме на тоа што се случува внатре, во нас. Да се грижиме за нашата душа и да го доживуваме животот. Сега и тука.
Автор: Ида Протуѓер/ Фејсбук пост