Во изминативе 24 часа од Центарот за управување со кризи известуваат за излеани помали реки низ државата по обилните дождови. Инциденти со поплавени патишта и свлечишта на пат се евидентирани во неколку градови и села во североисточна и северозападна Македонија.
Крива Река и Киселичка Река вечерва се излеаја и предизвика големи штети, однесени се пешачки мостови, поплавени се домови на граѓаните. Општина Крива Паланка повика на смиреност по новонастанатата состојба и излевањето на долови и делови од Крива Река.
Крива Паланка вчера беше зафатена од силно невреме по што дојде до нагло зголемување на водостојот на Крива Река, Домачки Дол и Киселичка Река. Од зголеменото ниво на Крива Река дојде до излевање и поплавување на брегот.
Отсечено е селото Т‘лминци со 20 жители, од надојдената река преку мостот. Надојдени се водите на Куков Дол. Кај место викано „Над Базен“ има излевање на водата на Крива Река. На патниот правец Крива Паланка – село Луке“ од синоќа сообраќајот е целосно во прекин во двата правци поради свлечиште.
Во Општина Старо Нагоричане надојдена е и реката Пчиња кај Пелинце.
Центарот за управување со кризи предупредува да не се поминува по мостот кај село Пчиња, бидејќи тој е со слаба конструкција и за два часа ќе дојде до зголемен притисок. Поради зголеменото ниво на водите во Крива Река кои ќе дојдат и до реката Пчиња, постои опасност од уривање на мостот во селото Пчиња.