После 23 години сениорскиот тим на Шаховскиот клуб „7-ми Ноември“ од Гевгелија влегува во натпреварувачката Втора Лига на Македонската шаховска Федерација.
Ова е голем успех за гевгелискиот шаховски клуб кој ја возобнови својата работа и после само година и пол активно постоење и игра со новото раководство и нова генерација активни шахисти, членовите-шахисти од Гевгелија успеваат да се пласираат во Втората лига.
За ова заслужни се освоените бодови на неодамна одржаните квалификациони натпревари каде што екипата од Гевгелија со 7-те освоени бодови се пласира на 4-то место во конкуренција од 15 тимови од државата.
Освен квалитетната игра во спортот велат треба и среќа.
Среќата доаѓа со поканата на Македонската шаховска Федерација до ШК „7-ми Ноември“ Гевгелија за учество во Првенството на Втората Македонска шаховска лига која се одржува од 30.06.-01.07.2023 година. Заедно со поканата МШФ го информира гевгелискиот ШК „7-ми Ноември“ дека тие влегуваат во Втора МШ Лига по откажувањето на две екипи; „Фишер“ од Куманово и уште еден клуб од Битола. Со тоа, во квалификациите се вбројуваат трето и четврто рангираните екипи, а тоа се тимот на Битола и гевгелискиот тим.
Заслужни за тоа се сите членови на гевгелискиот сениорски тим во состав: Саво Спасеновски, .Тоше Андонов, .Благојче Најдески, Перо Димов, Слободан Дачев, Борче Танчев, Славчо Кочев, Коле Думаловски, Борис Јованџиков, Дуле Андонов, Илија Велков и Пепи Танчев.
– „Ова е голема и радосна вест за нас. Колку што значи успех значи и обврска да одговориме на спортскиот предизвик што ни’ претстои со првиот турнир на Втората ШЛ кој започнува на 30 јуни годинава и ќе трае до 4 јули. Време за подготовки имаме малку, само 10 дена, и за спортски припреми, и организационо, ама се надеваме дека и локалната самоуправа ќе го препознае моментот на нашиот успех и ќе ни’ помогне во рамките на своите можности и ингеренции“ вели за GevgelijaNet претседателот на ШК од Гевгелија, Пепи Танчев.
После возбувата, доаѓа и тремата за одговорноста при настапот на првенството од Втората лига, но орните шахисти не застануваат тука, напоредно ги вршат подготовките на Вториот шаховски меморијал „Венци Попов“ за кој минатата година ветија дека ќе биде традиционален. Очекуваат 150 екипи од повеќе земји, многу шаховски игри, многу шаховска публика. Сето тоа на 20 август.
Значи неуморните гевгелиски шахисти тренираат, планираат, организираат, победуваат и пласманите кога тогаш доаѓаат.
Среќно!