Кошаркарскиот терен во спортската сала „26 април“ во Гевгелија од утре ќе прерасне во тридневна арена за селекција на македонските кошаркарски јуниори за Европското првенство кое ќе се игра во Португалија.
Од утре вторник 27 јуни, до четврток 29 јуни ќе се одигруваат натпревари во рамките на Меѓународен кошаркарски турнир со меморијално име „Бобан Петковски“, (во спомен и сеќавање на тренерот на младинските категории на КК „Кожуф“ кој прерано почина), а домаќин на меморијалот е Гевгелија.
На собирот ќе бидат присутни четири национални тимови „Под 18“ години, односно освен Македонската и селекциите на Израел, Црна Гора и Грција.
Со тоа, почнува втората фаза на подготовките нa селекцијата „Под 18“години.
Комплетниот тим на машката јуниорска селекција на Македонија веќе денеска, од 11. часот, се пресели на Југот од земјата, поточно во Гевгелија, каде ќе биде „отворен“ вториот дел од подготовките за Европко.
Значи претстојат ТРИ денови во кои ќе „доминираат“ контролните натпревари…
– „Ова е добра прилика за селекторот Андреј Апостолски Лечиќ да ја провери моменталната подготвеност на тимот на кој ќе смета за настапите на Европското првенство од Дивизијата „Б“ кое ова лето од 21. до 30. јули ќе се одржи во Матошинос – Португалија“ велат од КФМ.
Селекторот Андреј Апостолски Лечиќ и неговиот стручен штаб во кој се асистентите Никола Димитриевски и Дејан Србиновски, и кондицискиот тренер Трајче Стојанов, ги одреди и играчите кои ќе ги има на располагање за она што следува од вторник попладне во салата „26.април“ во Гевгелија.
СПИСОК НА ИГРАЧИ: Андреј Шошкиќ, Ангел Стојанов, Филип Чолаковски, Милош Кнежевиќ, Горазд Митев, Атанасиј Трајанов, Koста Ќириловски, Павел Иванов, Марко Лукановски, Бојан Величковски, Димитар Зетов, Дино Лазаров, Андреј Чадамов, Грегориј Јакимовски, Исак Муареми, Давид Петрушевски
МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР „БОБАН ПЕТКОВСКИ“ 2023 – ГЕВГЕЛИЈА
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
27. ЈУНИ (ВТОРНИК)
17.00: МАКЕДОНИЈА – Грција
19.00: Црна Гора – Израел
28. ЈУНИ (СРЕДА)
17.00: МАКЕДОНИЈА – Црна Гора
19.00: Грција – Израел
29. ЈУНИ (ЧЕТВРТОК)
17.00: Израел – МАКЕДОНИЈА
19.00: Грција – Црна Гора