Полуматурантот Андреј Димов од Гевгелија е ПРВЕНЕЦ на генерација за учебната 2022/23 година
Тој денеска доби ДИПЛОМА од ООУ „Крсте Мисирков“ за постигнати извонредни резултати во текот на школувањето, а истата му ја врачи директорот на училиштето Ѓорги Стамков.
Андреј е деветтоодделенец кој го заврши основното образование со континуиран одличен успех. Освен петките беше носител на награди за освоени престижни места на државните натпревари како ученик и претставник на ОУ „Крсте Мисирков“. Последната награда беше освоеното ПРВО место на државниот натпревар по хемија за основните училишта, во мај годинава.
Освен училишните обврски Андреј е и играорец во Ансамбл „Бојмија“ и волонтер на Црвен Крст Гевгелија.
Како волонтер во Клубот на млади при ООЦК Гевгелија и дел од ТИМ – 14 тој од страна на ОО на Црвен крст Гевгелија е прогласен за волонтер на месец јануари 2023 година, покажувајќи завидни активности на полето на хуманоста. Го интересира фотографирањето, сака да стане архитект.
Со ваков одговорен однос кон учењето, знаењето, хуманоста и одржувањето на културните традиции Андреј годинава ќе го продолжи своето образование во нови нивоа на средноучилишна образовна подгтовка, па можеби потоа и ќе се определи за студии по архитектура
Честитки за успехот и среќно!