Поранешниот градоначалник на Центар Владимир Тодоровиќ од ВМРО-ДПМНЕ и 4 соработници се уапсени синоќа под сомневање за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за перење пари за спомениците во Скопје, дел од проектот „Скопје 2014“.
Тодоровиќ ја минал ноќта во полициска станица, а сега ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во Одделот за организиран криминал во Кривичен суд.
Тодоровиќ беше градоначалник на Центар во период од 2009 до 2013 година.
Јавното обвинителство на прес-конференција ги објавува деталите по апсењето на ексградоначалникот на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, заедно со уште четири лица за злоупотреба на службената положба во проектот „Скопје 2014“.
ПРЕС во живо на Јавното обвинителство за организиран криминал:
Воин на Коњ, Гемиџии, Основачите на АСНОМ… Овие и други споменици се во сопственост на општина Центар и тие се предмет на кривичното дело кое сега го води ОЈО за организиран криминал.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја презеде надлежноста на предметот по згаснувањето на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со одлука на Јавниот обвинител на РСМ по предметот продолжи да постапува јавниот обвинител Љубомир Лапе кој ќе ве запознае со текот на постапката.
Пред 5 години Финансиската полиција поднесе кривична пријава против три лица, меѓу кои и ексградоначалникот на Општина Центар, за криминал за изградбата на пешачкиот мост „Око“, кој е дел од проектот „Скопје 2014“.