САД го ставија македонскиот бизнисмен Јордан Камчев на листата на лица кои претставуваат закана за Западниот Балкан поради корупција. Целиот имот и интереси во имоти на Камчев во САД или во сопственост или контрола на лица од САД се блокирани и мора да се пријават во американското Министерство за финансии.
„Г. Камчев ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи себична агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија“, изјави потсекретарот на Министерството за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Е. Нелсон.
Широк корупциски ангажман
На Камчев му се става на товар широк ангажман во „корупција, злоупотреба на службена положба, перење пари, и други кривични дела“ во последните повеќе од 20 години, почнувајќи од раните 2000-ти. Властите во САД ги наведуваат случаите „Плацеви на Водно“ и „Империја“ во кои Камчев е или осуден, или признал вина за измама, перење пари и други кривични дела.
Дополнително, САД сметаат дека „Камчев го искористил своето коруптивно влијание и богатство за да манипулира со македонскиот правосуден систем во негова корист“. Како пример во таа насока се наведува сведочењето на Камчев против поранешната главна обвинителка на СЈО Катица Јанева, што доведе до распад на СЈО.
„Како резултат на тоа, многу случаи на висока корупција кои ги разгледуваше СЈО се заглавени и нерешени, со што се одложува одговорноста за бројни поединци кои биле вмешани во корупција слична како на Камчев“.
#Accountability #FightCorruption pic.twitter.com/DVnwmXcu2Y
— Ambassador Angela Aggeler (@USAmbNMacedonia) July 19, 2023
Американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер порача дека под санкции во иднина ќе бидат и сите оние кои ќе соработуваат со Камчев. Истовремено, Стејт Департментот му забрани влез на бизнисменот во САД.
Извор: DW