Долгопосакуваната реконструкција на регионалниот пат Гевгелија Богданци конечно ја започнува официјалната фаза со избор на најповолен понудувач за изведба на проектот – распишан е Тендер и јавно објавен преку Бирото за јавни набавки на РСМ.
Во план е проширување со реконструкција на делницата 1109 која започнува од Понов мост до влезот на Богданци.
Огласот за јавна набавка – изведувач кој ќе понуди вредност на изведбените работи и рок за завршница е огласен со број 13421/2023 со денешна дата.
– „Конечно!!! Драги мои сограѓани, со гордост објавувам дека денес е започната тендерската постапка за Реконструкција со проширување на регионалниот пат Богданци-Гевгелија. Се надеваме сите на успешна реализација и започнување со работа веднаш по изборот на изведувачот!!! – напиша на социјалните мрежи градоначалникот на општина Богданци, Блаже Шапов.
Оваа делница е главен излез на Богданци и селата, како и општините Дојран, Валандово и Струмица за излез од Македонија преку ГП „Богородица“ и претставува високофреквентен регионален пат не само на автомобили, туку и на тешки товарни возила, подари што патот со годините има потреба од проширување и реконструкција.
Изведбените работи кои започнаа пред 3-4 години застанаа поради потребата од проширување на делницата и наидување на нерешени имотни прашања со сопствениците на околните земјоделски површини.
Целата делница на регионалниот пат Р 1109 е 18,5 километри но се движи од Гевгелија до Фурка. Само растојанието од Гевгелија до Богданци е 9 километри, но во мај 2023 од страна на ЈП за државни патишта беше асфалтиран дел од патот од Понов мост до „Дуплата кривина“ така што останува за реконструкција делница помалку од девет (9 km) километри.
Се асфалтира дел од патот Гевгелија-Богданци и заобиколницата кај Богданци
Очекуваме старт на машините, набргу!