Немилосрдна борба со огнот кој веќе девет часа беснее во месноста „Брдаров камен“ кај Богданци.
ЦУК јавува дека се засили пожарот кај Богданци што избувна денеска околу 11 часот во месноста „Брдаров камен“, веднаш до препумпната станица на хидросистемот „Дојранско Езеро“. Та терен се интервенира со двата авиони „Ер трактор“, но огнот и понатаму е активен информираа попладнево од Центарот за управување со кризи.
Од ЦУК посочуваат дека авионите направиле повеќе од 19 налети прецизно фрлајќи вода врз огнот, а во гаснењето на пожарот ќе се приклучи и еден хеликоптер на МВР.
Покрај авионите „Ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување, во гаснењето учествуваат и пожарникари од Гевгелија и Валандово, екипи на подружниците на „Национални шуми“ и општинското комунално претпријатие од Богданци.
Пожарот избувнал во нискостеблеста шума и сува трева и брзо се проширил на поголема површина.
Граѓаните на Богданци се сеќаваат дека на овие простори пред неколку децении горел цела недела пожар, „Тогаш не’ спасија канадерите на Југославија и АРМ“ – коментираат богданчани на социјалните мрежи, споделувајќи видео од денешниот пожар.
Граѓаните од далеку ја следат состојбата со огнот и чадот кој ги опкружува, во мисла за своите имоти.
Фото и Видео: И.Радевски