Македонската ракометна репрезентација до 19 години го освои деветтото место на Светското првенство во Хрватска откако вечерва со убедливи 28-22 ја совлада Чешка.
Младите македонски ракометари предводени од селекторот Раде Стојановиќ одиграа фантастично Светско првенство и го остварија најдобриот резултат досега во оваа возрасна група.
На денешниот меч со Чешка уште на стартот почнавме да се одлепуваме, водевме со 7-3 и 13-9, но Чесите намалија и на полувремето заминавме само со два гола позитива, 13-11.
Како и вообичаено на ова Светско првенство, немаше пад на Македонија во второто полувреме, напротив бевме уште подобри и на крајот дојдовме до победа од 28-22.
Македонија ја предводеше средниот бек, кој беше МВП и на дуелот со Австрија, во главната рунда, Мирче Калајџиески, овој пат со неверојатни 12 гола од 14 обиди, осум постигна Давид Димевски, четири Марио Стојановски, а Давид Брестовац запиша 10 одбрани.
На ова Светско првенство Македонија ги победи Грузија, Црна Гора, Австрија, Унгарија и Чешка, а загубивме само од Данска и Норвешка.