Живот исполнет со шах и шаховска инспирација да игра прецизно и победнички на црно белите полиња, како во шахот така и во животот.
Венци Попов е најмладиот шаховски првак на Гевгелија, трократен шаховски првак на Македонија, член на Југословенската шаховска репрезентација која го дала Гевгелија и со своите шаховски подеми и освоена титула Фиде мајстор ја задолжи Гевгелија да го споменува во шаховски меморијал кој по втор пат ќе се одржи утре, 20 август. Организатори се семејството Попови со поддршка на ШК „7-ми Ноември“ од Гевгелија, а по повод 10 годишнината од прераното заминување на шаховскиот незаборавен фиде мајстор од Гевгелија.
Венци Попов (1962-2013) почна да игра шах на 5 годишна возраст, а на 13 години го имаше своето прво шаховско вкрстување со постари шахисти на одржаниот шаховски турнир по повод Денот на граничарите во СФРЈ на 15.08.1975 година. Тогаш прв пат се запозна со шаховски часовници и игра со сета сериозност пред далеку поискусни од себе. Осоколен од успехот стаува член на шаховскиот клуб „7-ми Ноември“ од Гевгелија и овде учествува на турнири освојувајќи Прво место како шаховски пионерски првак на Гевгелија. Но, играта го тера на нови предизвици, учествува на Републичко првенство на СРМ во 1976 и освојува 5-то место. Два турнири, две титули за една година за 13 годишниот Венци.
Во 1977 година Венци освојува 5-то место на Младинското првенство на Македонија. Но, разиграниот гевгелиски шахист штотуку тргнувал по својот пат кон трофеите. Наградите и титулите продолжуваат да се редат со заслужната игра. Следуваат:
– 1978, 1979 и 1980 Трократен Шампион на СРМ во младинска конкуренција;
– 1978 на државното првенство во БиХ Венци го привлекува вниманието на шаховските стручњаци и тренери од кои доаѓаат разни покани за учсетво на меѓународни турнири;
– 1979 го освојува 12-то место на Мадинскиот државен шампионат одржан во Вировитица, СР Хрватска, каде учествуваат и екипи од повеќе земји од светот;
– 1980 – за една година Венци достигнува до 5-то место на престижниот Меѓународен шаховски шампионат во Вировитица;
– истата 1980 година има одличен резултат на Младинското првенство на СФРЈ во Кладиво, Ѓердап.
Јуниорскиот првак на Македонија стана препознатлив и во Југословенски рамки. Но, одот кон тронот му го прекина задолжителниот воен рок. Јуниорот премина во нова сениорска конкуренција, не заобиколувајќи ги ниту шаховските турнири во рамките на Армијата.
1998 година Венци го освојува 3-то место на престижниот интернационален шаховски турнир во Кан, Франција каде се натпреварува во „Б турнирот“ како едниствен претставник од Република Македонија. За овој пласман се избори во конкуренција од 150 врвни шаховски имиња. На турнирот учествуваа и шаховските ѕвезди Борис Спаски, Викториј Корчној, Светозар Глигориќ, Лав Тајманов и други.
Во 1998 година ФИДЕ мајсторот Венци Попов од Гевгелија, тогашен претседател на Шаховскиот клуб „7-ми Ноември“ од Гевгелија експресно со молскавична игра го освојува првото место на Сениорското Државно првенство на Македонија што се одржа во јули во Струга.
Следната година, 1999 игра во Коринт, Грција на меѓународен шаховски турнир каде настапуваше и тогаш актуелниот светски шаховски првак Гари Каспаров. како и најдобрите руски и југословенски велемајстори. Овде се пласираше на 20-то место помеѓу светската шаховска елита, само заради една изгубена партија од тогашниот југословенски велемајстор, а поранешен СВЕТСКИ младински првак Игор Миладиновиќ, кој на крајот беше 6-то рангиран. На овој интернационален турнир геевгелискиот Фиде мајстор Венци Попов освојува ист број поени како и секундантот на тогашниот светски шаховски првак Гари Каспаров,, Александар Ненашев, кој обезбеди пласман на 18-то место.
Венци потекнува од скромно гевгелиско семејство каде играта со шах била домашна забава. Неговите понатамошни подеми шахот да го претвори во спортска инспирација за сегашната генерација шахисти само го потврдуваат неговото етаблирано име во светот на шахот, кај нас и во меѓународни рамки. Потврда за тоа се 150-те шахисти кои се одзвале на поканата да учествуваат на Вториот шаховски меморијал „Венци Попов 2023“ кој има меѓународен карактер со учество на шахисти од земјата и Балканот.
Гевгелиските шахисти од матичниот клуб „7-ми Ноември“ утре, 20 август ќе играат шах, ќе го споменуваат гевгелискиот трократен младински првак, сениоерски првак на Македонија, член на Југословенската шаховска репрезентација, добитник на највисоката општинска награда „7 Ноември“ за 1999 година и незаборавниот ФИДЕ мајстор Венци Попов. Учесниците на шаховскиот меморијал утре претпладне најпрво ќе оддадат почит пред вечното почивалиште на Фиде мајсторот по повод 10 години од неговото заминување.
Вечна слава и незаборав – Венци Попов (1962-2013)!