Остануваме силно посветени на нашата агенда во изградба на безбедна и модерна патна инфраструктура низ целата земја и од тоа не отстапуваме, потенцираше министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, при денешната посета на гевгелиско Прдејци.
Министерот заедно со директорите на Јавните претпријатија за патишта, Рустеми и Ацевски и пратеничката Марија Костадинова, извршија увид во рехабилитацијата на пристапната клучка кај Прдејци и патот кој го поврзува ова населено место со с.Смоквица, кое се приклучува на автопатот „Пријателство“ и притоа оствари средба и со локалното население.
Ова е важна транспортно-сообраќајна точка за жителите од овој крај, особено што непречено го поврзува населено место Прдејци, со Коридорот 10 и претставува точка во економскиот проток на стоки низ овој дел од државата.
Станува збор за инвестиција вредна 15 милиони денари, средства обезбедени од централната власт.
Министерството за транспорт и врски продолжува во реализација на инфраструктурната програма во изградба на квалитетна, модерна и безбедна патна мрежа низ целата држава, соопштуваат од Министерството.
– „Во јужниот регион во тек е и реконструкцијата на автопатска делница Неготино – Демир Капија, инвестиција од 9 милиони евра, многу значаен проект за сите оние кои патуваат по Коридорот 10. Нашите активности продолжуваат во сите општини, модерна и безбедна патна мрежа останува наш примарен фокус.“ – изјави министерот Бочварски.
Министерот Бочварски од Прдејци најави:
– „Во наредните денови ќе бидеме повторно присутни во Гевгелија, каде ќе ги доделиме клучевите од социјалните станови на социјално ранливи семејства. Во месец септември ќе биде распишан повикот за распределба на социјалната зграда во Неготино.
Се грижиме за сите, граѓаните ни’ даваат дополнителен мотив да работиме уште повеќе во решавање на секојдневните инфраструктурни проблеми“ – истакна Бочварски.