Пожарот кој околу пладне изби помеѓу општините Богданци и Дојран во близина на границата со Грција е ставен делумно под контрола, горат уште два крака.
Ова се последните информации за состојбата на терен со кои располага Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Благодарение на одличното дејство на ер-тракторите на ДЗС, но и на локалните пожарникари од Дојран и Гевгелија кои спречија огнот да се прошири кон полето затоа што сувата трева и ветрот кој постојано дува овозможуваа брзо горење и ширење на огнот“, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Тој вели дека во моментов ветрот е наклонет на нив и правецот во кој дува го врти огнот кон веќе изгорените места и ако така продолжи во наредните два часа пожарот може да биде и целосно локализиран.
Досега се слушнати повеќе од 20-тина истрели, експлозии. Најверојатно куршуми со голем калибар, но и разни детонации, вклучително и големи гранати, со голем калибар. Тоа го усложнува гаснењето на овој пожар затоа што ја загрозува безбедноста и на пожарникарите и на леталата, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Леталата „Ер-трактори“ за потребите на акцијата за гаснење на пожарот полнат вода од Дојранското езеро.