Македонските одбојкари имаа перфектен влез на Европското првенство на кое и ние сме домаќини. Македонија стартуваше со победа над Данска од 3-1 во сетови. Данците беа еден од противниците кои моравме да ги добиеме за да ја одржиме надежта за пласман во следната фаза, мисијата ја исполнивме.
Во првиот дел од првиот сет се играше изедначено, двете репрезентации се менуваа во водство, при предност од 13-12 за Македонија, Данците направија серија од 4-0, се одлепија на три разлика и ја задржаа таквата позитива до самиот крај добивајќи го сетот со 25-22.
Како одминуваше натпреварот македонските одбојкари се ослободуваа од почетничкиот грч и играа полесно. Вториот сет го вративме со иста мера на речиси идентичен начин. Беше 25-22 за нас. Израмнивме на 1-1.
Третиот сет го почнавме доминантно, имавме 6-2, во воведниот период, зголемивме и на 10-5. Данците се обидуваа да се вратат, но македонските одбојкари беа на висина на задачата, не дозволија пад на концентрацијата и убедливо го добивме сетот со 25-19. Го свртевме мечот во наша полза, поведовме со 2-1 во сетови.
Четвртиот сет беше тесен Данска имаше предност од 22-11 кога Македонија направи серија од 4-0 и го доби сетот за победа од 3-1. Последниот поен за победа беше дочекан со овации од публиката:
Ова е голем триумф на македонските одбојкари со кој ни’ се зголемуваат апетитите за добар настап на овој историски шампионат за нас. Натпреварот се играше во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Капитенот Никола Ѓоргиев со 17 поени беше најефикасен, одличен беше и настапот на Љафтов кој имаше 15 поени, Маџунков имаше девет.
Дали ова беше среќата: „We are Macedonian“ стои испишано на дресовите на македонските одбојкари!