Штркот кој го заборави Пантелејмон и штркот-талкач по гевгелискиот асфалт се спасени и згрижени, благодарение на брзиот одзив на посветени наши сограѓани, љубители на животните.
Најзагрозен беше штркот-позер од ГП „Богородица“ кој после пет денови престој на тревникот на најфреквентниот премин во државата изморен и дехидриран на сончевото време, успеваше само да одговори на задачата позер пред љубопитните туристи и патници кои со радост од глетката го фотографираа.
Штркот беше прибран од жител на Струмица, љубител на птици, кој за оваа спасувачка мисија дојде наменски во Гевгелија. Во акцијата за прибирање на птицата, ветеринарен преглед и организација на транспортот помогнаа: Надица Ѓурчилов, Ангел Каракабаков, Елена Ангелова, Александра Кочева, Ветеринарната амбуанта „ПроВет“ и Лени Соколова.
Поголема среќа за интервентно прибирање и згрижување имаше штркот-талкач по гевгелискиот асфалт кој беше забележан во четвртокот попладне како дезориентирано оди по улица во близина на Градскиот пазар во Гевгелија. Истиот ден попладнето, само некој час по објавата на нашиот портал штркот беше прибран од нашиот сограѓанин Пепи Епов од Гевгелија, а земен nа згрижување и престој од нашинецот Југослав, сопственик на Мото камп „Југо“, кој веќе има таква успешна спасувачка мисија со спасен штрк минатата година.
Штркот е сместен во домот на Југослав, во неговиот голем двор, нахранет е и се надеваме на брзо закрепнување.
Штркот-талкач беш виден во четвртокот претпладне на улица во близина на Градскиот пазар во Гевгелија, а совесни граѓани го прибраа, а потоа и згрижија во текот на истиот ден попаднето.
Неверојатно брза и посветена улога за грижа на животните покажаа гевгеличани. Како медиум кој се обиде да помогне со ширење на веста за штрковите кои не полетале со својот птичји род, благодарни сме што веста беше прифатена со позитивна и брза реакција од граѓаните.
Важно е да не талкаат штрковите осамени и да не ги оставиме да угинат на улица , а ние во нивната несреќа да им покажеме грижа и љубов, еднаква на радоста која ни’ ја пружаат штрковите кога ги гледаме како доаѓаат кај нас и ни’ ја најавуваат пролетта.
Ви благодариме на сите кои искажавте грижа, предлагавте идеи како да се спасат штрковите од градскиот асфалт, споделувавте и ја ширевте веста за да најдеме брзо решение за здравствена поткрепа и вдомување на штрковите кои не полетаа со своето јато.
Хумана Гевгелија, Хумана Македонија – покажавте емпатија кон послабите и помагавте!
Благодариме!